Дела 2:2-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

2. Тогаш ненадејно се создаде шум од небото, како силен ветар кога дува, и ја исполни целата куќа, каде што седеа.

3. И им се јавија јазици како од пламен, кои се разделуваа и се спуштија по еден над секого од нив посебно.

4. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат.

5. Тогаш во Ерусалим имаше Јудејци, побожни луѓе, од секој народ под не­бото.

6. Кога се создаде тој екот, народот кој се насобра многу се збуни, бидејќи секој ги слушаше како зборуваат на неговиот сопствен јазик.

7. И сите вџашени и восхитени, гово­реа: „Овие што зборуваат, зар не се сите Галилејци?

8. Па како тогаш слушаме како секој од нив зборува на нашиот мајчин јазик?

9. Парти, Мидијци, Еламити и жите­лите од Месопотамија, Јудеја и Капа­до­кија, од Понт и Азија,

10. Фригија, Памфилија, од Египет и од краиштата на Либија покрај Киринеја, па и привремено дојдените Римјани.

11. Како ние Јудејците, така исто и придојдените, Критјани и Арапи, еве слушаме како тие зборуваат за го­лемите дела Божји на нашите јазици?“

12. Сите се чудеа и во недоумение си зборуваа еден со друг: „Што ли ќе биде ова?“

13. А други, потсмевајќи се, велеа: „Се напиле со слатко вино!“

14. Тогаш Петар стана со единаесетте, го подигна гласот свој и им рече: „Луѓе Јудејци и вие сите што живеете во Еру­салим, знајте го ова и внимателно слушнете ги моите зборови;

15. овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е третиот час од денот:

16. но ова е претскажаното преку пророкот Јоил:

17. ‚И ете во последните дни, рече Бог, ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќер­ки­те ваши, и младичите ваши ќе имаат ви­денија и старците ваши ќе сонуваат со­ништа.

18. И во тие дни, врз слугите Мои и слугинките Мои ќе излеам од Мојот Дух, и тие ќе пророкуваат.

Дела 2