9. Но, бидејќи имаше некои жестоки противници на верата, кои говореа лошо за патот Господов пред народот, Павле се оддели од нив, ги одвои учениците и секојдневно расправаше во училиштето на некој си Тиран.
10. Тоа траеше цели две години, така што сите жители на Азија, како Јудејците, така и Елините, можеа да го слушаат словото за Господ Исус.
11. А Бог правеше многу чудеса преку рацете Павлови,
12. така што врз болните полагаа крпи и шамивчиња за пот, што го беа допреле неговото тело, и болестите ги напуштаа, а злите духови излегуваа од нив.
13. Некои, пак, од Јудејците кои лутаа наоколу и ги истеруваа злите духови, се обидоа да го повикаат името на Господ Исуса над оние кои беа обземени со демони, и велеа: „Ве заколнуваме во Исус, Кого Го проповеда Павле!“
14. Тоа го правеа седумте синови на јудејскиот првосвештеник Скева.
15. А лошиот дух одговори и рече: „Исус Го познавам и Павле го знам; но кои сте вие?“
16. И скокна на нив човекот, во кого имаше лош дух, и, откако ги совлада, покажа против нив таква сила, што тие, голи и ранети, побегнаа од таа куќа.