Дела 19:7-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

7. А вкупно беа околу дванаесет души.

8. Потоа Павле влезе во синагогата, и тука три месеци смело проповедаше и расправајќи ги уверуваше за царството Божјо.

9. Но, бидејќи имаше некои жестоки противници на верата, кои говореа ло­шо за патот Господов пред народот, Павле се оддели од нив, ги одвои уче­ни­ците и секојдневно расправаше во учи­лиштето на некој си Тиран.

10. Тоа траеше цели две години, така што сите жители на Азија, како Јудејците, така и Елините, можеа да го слу­шаат словото за Господ Исус.

11. А Бог правеше многу чудеса преку рацете Павлови,

12. така што врз болните полагаа крпи и шамивчиња за пот, што го беа доп­ре­ле неговото тело, и болестите ги на­пуштаа, а злите духови излегуваа од нив.

13. Некои, пак, од Јудејците кои лутаа наоколу и ги истеруваа злите духови, се обидоа да го повикаат името на Господ Исуса над оние кои беа обземени со де­мони, и велеа: „Ве заколнуваме во Исус, Кого Го проповеда Павле!“

14. Тоа го правеа седумте синови на јудејскиот првосвештеник Скева.

15. А лошиот дух одговори и рече: „Исус Го познавам и Павле го знам; но кои сте вие?“

16. И скокна на нив човекот, во кого имаше лош дух, и, откако ги совлада, покажа против нив таква сила, што тие, го­ли и ранети, побегнаа од таа куќа.

Дела 19