Дела 16:11-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

11. И така, откако отпловивме од Тро­ада, стигнавме право во Самотраки, а утредента – во Неапол,

12. и оттаму во Филипи. Тој е главен град во тој дел на Македонија и римска колонија. Во тој град престојувавме не­колку дена.

13. А во саботата излеговме надвор од градот покрај една река, каде што имаа обичај да се молат, и кога седнавме, им зборувавме на собраните жени.

14. И една богобојазлива жена од градот Тиатир, по име Лидија, која продаваше црвени ткаенини, слушаше; и Господ ѝ го отвори срцето да внимава на она, што го зборуваше Павле.

15. А кога беше крстена таа и нејзини­те домашни, нѐ замоли и рече: „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете во мојата куќа и престојувајте во неа!“ И нѐ принуди.

16. Еднаш, кога одевме на молитва, по патот нѐ сретна една слугинка, која имаше гатачки дух. Таа на господарите свои им донесуваше големи приходи од гатањето.

17. И одејќи по Павле и по нас другите викаше, зборувајќи: „Овие луѓе се слуги на Севишниот Бог! Тие го навестуваат патот на спасението.“

18. Ова го правеше таа многу дни. И кога му здодеа на Павле, тој се сврте и му рече на духот: „Ти заповедам во име­то на Исус Христос излези од неа!“ И излезе во истиот час.

19. Штом видоа господарите нејзини дека пропадна надежта за нивното бо­га­тење, ги фатија Павле и Сила, и ги дов­лечкаа на плоштадот кај началниците.

20. И кога ги приведоа пред управ­ници­те, рекоа: „Овие луѓе, што се Јудејци, го бунтуваат нашиот град

21. и проповедаат обичаи што нам, ка­ко Римјани, не ни доликува ни да ги примаме, ниту да ги извршуваме.“

22. Тогаш се нафрли на нив народот; а управниците, штом им ги раскинаа алиштата, започнаа да ги тепаат со стапови;

23. и, откако ги испотепаа многу, ги фрлија в затвор, а на затворскиот стра­жар му наредија да ги чува добро.

24. А стражарот, штом прими таква за­повед, ги фрли во повнатрешниот дел од затворот и нозете им ги стегна во клада.

25. На полноќ, пак, Павле и Сила се молеа и Го славеа Бога, а затворени­ци­те ги слушаа.

Дела 16