5. Тогаш станаа некои од приврзаниците на фарисеите, што беа поверувале, и зборуваа дека тие треба да се обрезуваат, и да им се заповеда да го пазат Законот Мојсеев.
6. Апостолите и старешините се собраа да го разгледаат тоа прашање.
7. По долго расправање, стана Петар и им рече: „Луѓе браќа, вие знаете дека Бог од првите дни ме избра меѓу вас, незнабошците од мојата уста да го слушнат словото на Евангелието и да поверуваат;
8. и Бог, Кој ги познава срцата, им посведочи, и им даде Дух Свети како и нам.
9. Тој не направи никаква разлика меѓу нас и нив, зашто со верата ги очисти нивните срца.
10. Сега, пак, зошто Го искушувате Бога, ставајќи им на вратот на учениците јарем, што не можеа да го поднесат ни нашите татковци, ниту ние.
11. Но ние веруваме дека ќе се спасиме со благодатта на Исус Христос, исто како и тие.“
12. Тогаш замолкна сето мноштво и го слушаа Варнава и Павле, кои прикажуваа какви знаци и чудеса направил Бог преку нив меѓу незнабошците.
13. А кога тие престанаа, тогаш прозборе Јаков и рече: „Мажи браќа, слушнете ме!
14. Симон изложи како Бог најнапред ги посети незнабошците, за да избере од нив народ за Неговото име;
15. и со тоа се согласуваат и зборовите на Пророците како што е напишано:
16. ‚И потоа ќе се вратам и пак ќе го подигнам паднатиот дом на Давид, и неговите урнатини ќе ги поправам и ќе го издигнам,
17. за да Го побараат Господа и другите луѓе и сите народи, кои се наречени со Моето име.‘ Така вели Господ, Кој го прави сето ова.
18. Познати Му се на Бога сите Негови дела од создавањето на светов.
19. Затоа јас мислам дека не треба да им прават мачнотии на незнабошците, кои се обраќаат кон Бога,
20. туку да им се заповеда да се воздржуваат од идолски жртви, од блудство, од удавено и од крв, (и да не му прават на друг ништо, што ним не им е угодно).
21. Зашто Мојсеј уште од старо време во секој град има луѓе, кои го проповедаат, бидејќи го читаат по синагогите секоја сабота.“