23. И со своите раце им го напишаа следново писмо: „Апостолите, свештениците и браќата ги поздравуваат браќата од нееврејските народи што се во Антиохија и Сирија и Киликија.
24. Сме слушнале дека некои од нас, на кои ништо не сме им заповедале со зборови, ве вознемириле, и ги потресле душите ваши, велејќи ви да се обрезувате и да го пазите Законот.
25. Затоа, откако се собравме, еднодушно одлучивме да избереме луѓе и да ги пратиме кај вас заедно со нашите омилени Варнава и Павле,
26. луѓе, кои ги предадоа душите свои за името на нашиот Господ Исус Христос.
27. И така, ние ви ги пративме Јуда и Сила, кои ќе ви го кажат тоа и усмено.
28. Зашто Светиот Дух и ние одлучивме да не ви ставаме на вас никаков друг товар, освен она што е потребно:
29. да се воздржувате од месо принесено како жртва на идоли, од крв, од удавено, и од блудство и да не му правите на друг она што не сакате и вам да ви се случи. Ако внимавате на ова, добро ќе направите. Бидете здрави!“
30. И така испратени, тие дојдоа во Антиохија и кога го собраа народот, му го предадоа посланието.
31. А кога го прочитаа, се зарадуваа поради утешниот збор.
32. Јуда, пак, и Сила, кои и самите беа пророци, со многу зборови ги утешија браќата и ги поткрепија.
33. Откако престојуваа таму некое време ги пуштија браќата со мир кај оние што ги испратија.