17. за да Го побараат Господа и другите луѓе и сите народи, кои се наречени со Моето име.‘ Така вели Господ, Кој го прави сето ова.
18. Познати Му се на Бога сите Негови дела од создавањето на светов.
19. Затоа јас мислам дека не треба да им прават мачнотии на незнабошците, кои се обраќаат кон Бога,
20. туку да им се заповеда да се воздржуваат од идолски жртви, од блудство, од удавено и од крв, (и да не му прават на друг ништо, што ним не им е угодно).
21. Зашто Мојсеј уште од старо време во секој град има луѓе, кои го проповедаат, бидејќи го читаат по синагогите секоја сабота.“
22. Тогаш апостолите и старешините заедно со целата Црква одлучија да ги изберат меѓу себе Јуда, наречен Варнава, и Сила, истакнати мажи меѓу браќата, и заедно со Павле и Варнава да ги пратат во Антиохија.
23. И со своите раце им го напишаа следново писмо: „Апостолите, свештениците и браќата ги поздравуваат браќата од нееврејските народи што се во Антиохија и Сирија и Киликија.
24. Сме слушнале дека некои од нас, на кои ништо не сме им заповедале со зборови, ве вознемириле, и ги потресле душите ваши, велејќи ви да се обрезувате и да го пазите Законот.
25. Затоа, откако се собравме, еднодушно одлучивме да избереме луѓе и да ги пратиме кај вас заедно со нашите омилени Варнава и Павле,
26. луѓе, кои ги предадоа душите свои за името на нашиот Господ Исус Христос.
27. И така, ние ви ги пративме Јуда и Сила, кои ќе ви го кажат тоа и усмено.
28. Зашто Светиот Дух и ние одлучивме да не ви ставаме на вас никаков друг товар, освен она што е потребно:
29. да се воздржувате од месо принесено како жртва на идоли, од крв, од удавено, и од блудство и да не му правите на друг она што не сакате и вам да ви се случи. Ако внимавате на ова, добро ќе направите. Бидете здрави!“
30. И така испратени, тие дојдоа во Антиохија и кога го собраа народот, му го предадоа посланието.