11. А луѓето, кога видоа што направи Павле, го подигнаа гласот свој и извикаа на ликаонски: „Боговите слегле кај нас во човечки лик!“
12. И Варнава го нарекоа Зевс, а Павле Хермес, бидејќи тој го водеше зборот.
13. Жрецот, пак, на Зевс, чиј кип се наоѓаше пред новиот град, откако доведе јунци и венци пред портата, сакаше заедно со народот да принесе жртва.
14. Но апостолите Варнава и Павле, кога слушнаа за тоа, ги раскинаа своите облеки, се втурнаа меѓу народот, гласно викајќи:
15. „Луѓе, зошто го правите ова? И ние сме смртни како и вие, но ви проповедаме да се обратите од овие празноверија кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сѐ што е во нив;
16. Кој поранешните поколенија на народите ги остави да врват по нивните патишта,
17. иако не престануваше да сведочи за Себе, правејќи ни добро со праќање дождови од небото и плодоносни времиња и исполнувајќи ги срцата наши со храна и веселост.“
18. И зборувајќи за ова, одвај го убедија народот да не им принесува жртва, (туку секој да си оди во својата куќа. Додека се наоѓаа таму и поучуваа),
19. од Антиохија и од Иконија пристигнаа некои Јудејци. (И кога апостолите зборуваа отворено, тие го убедија народот да ги напушти, велејќи дека ништо вистинско не зборуваат, туку само лажат;), а кога го придобија народот, го каменуваа Павле, па го извлекоа надвор од градот, мислејќи дека е мртов.
20. Кога се собраа околу него учениците, тој стана и се врати во градот. Утредента со Варнава заминаа за Дерва.
21. И, откако го проповедаа Евангелието во тој град и мнозина придобија за свои ученици, тие се вратија во Листра, Иконија и Антиохија.
22. Тие ги зацврстуваа душите на учениците и, храбрејќи ги да бидат истрајни во верата, ги учеа дека во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки.