23. Од неговото потомство Бог, според ветувањето, Го издигна за Израил Спасителот Исус.
24. Пред Неговото доаѓање Јован како предгласник му проповедаше на сиот израилски народ покајно крштевање.
25. А кога Јован го завршуваше своето дело, прашуваше: ‚За кого ме сметате? Јас не сум Тој, но, ете, по мене иде Оној, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни обувките на Неговите нозе.‘
26. Мажи браќа, синови од родот на Авраам, оние меѓу вас, што имаат страхопочит кон Бога, нам ни е испратено словото на ова спасение.
27. Всушност жителите ерусалимски и нивните началници, бидејќи не Го препознаа, ги потврдија пророчките зборови, што се читаат секоја сабота, со тоа што Го осудија.
28. И така, иако не најдоа никаква вина за осуда на смрт, побараа од Пилат да Го убие.
29. А кога го извршија сето тоа, што беше напишано за Него, Го симнаа од крстот и Го положија в гроб.