7. И чув глас што ми зборуваше: ‚Стани Петре, заколи и јади!‘
8. Јас, пак, реков: ‚Не, Господи, зашто ништо погано или нечисто никогаш не влегло во устата моја.‘
9. А гласот од небото повторно проговори и рече: ‚Она што Бог го очистил, ти не го сметај за погано!‘
10. Тоа се повтори трипати; и пак се крена на небото.
11. И ете, во тој час застанаа тројца луѓе, испратени кај мене од Кесарија.
12. А Духот ми рече да појдам со нив, без двоумење. Со мене дојдоа и овие шестмина браќа, и влеговме во куќата на оној човек.
13. Тој ни раскажа како видел ангел во куќата своја, кој застанал и му рекол: ‚Прати во Јопија луѓе и повикај го Симон, наречен Петар.
14. Тој ќе ти каже зборови, преку кои ќе бидеш спасен ти и целиот твој дом.‘
15. И кога почнав јас да зборувам, над нив слезе Духот Свети, како и над нас во почетокот.
16. Тогаш се сетив на зборовите Господови: ‚Јован крштеваше со вода, а вие ќе бидете крстени со Дух Свети.‘
17. Ако, Бог им даде еднаков дар, како и нам, кои поверувавме во Господа Исуса Христа, тогаш кој сум јас да Му се спротивставам на Бога?“
18. Откако го ислушаа тоа, тие се успокоија и Го прославуваа Бога, велејќи: „Значи и на незнабошците Бог им даде покајание за живот.“
19. А оние, што се беа распрснале поради гонењето до кое дојде по убиството на Стефан, стигнаа сѐ до Феникија, Кипар и Антиохија, и никому не му го проповедаа словото, освен на Јудејците.