Дела 10:6-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

6. Тој престојува таму како гостин кај некој си кожар Симон, чија куќа се наоѓа покрај морето. Тој ќе ти каже зборови преку кои ќе се спасиш ти и це­лиот твој дом.“

7. Кога си отиде ангелот што му збору­ва­ше, Корнилиј повика двајца од своите слуги и еден благочестив војник, кои постојано се наоѓаа кај него;

8. па, откако им кажа сѐ, ги прати во Јопија.

9. Утредента, додека тие патуваа и наближуваа до градот, Петар околу шестиот час се качи на рамниот пок­рив од куќата да се помоли.

10. И бидејќи беше огладнел, сакаше нешто да јаде; а додека му приготвуваа, тој падна во занес,

11. и го виде небото отворено и некаков сад како слегува кон него, сличен на не­кое големо платниште, врзано за че­ти­рите краишта, и се спушташе на земјата.

12. Во него имаше секакви четиринож­ни животни, ѕверови, влекачи земни и птици небески.

13. И дојде глас кон него: „Петре, ста­ни, заколи и јади!“

14. А Петар рече: „Никако, Господи, зашто никогаш не сум јадел погано или нечисто.“

15. И повторно дојде глас кон него: „Она што Бог го очистил, ти не го сме­тај за нечисто!“

16. Тоа се повтори трипати, а садот пак се крена кон небото.

17. И додека Петар беше во недоумица што значи тоа видение што го виде, ете ги луѓето, испратени од Корнилиј, кои откако се распрашаа и го најдоа домот на Симон, застанаа пред портата.

18. Тогаш повикаа и прашаа: „Овде ли гостува Симон, наречен Петар?“

19. И додека Петар размислуваше за видението, Духот му рече: „Ете, те ба­раат тројца луѓе.

20. Туку стани, слези и оди со нив, не размислувајќи ништо; зашто Јас ги пратив!“

21. Штом слезе кај луѓето, испратени од Корнилиј кај него, Петар рече: „Јас сум тој, кого го барате. Зошто сте дош­ле?“

22. А тие му одговорија: „Стотникот Корнилиј, човек праведен и богобојазлив, познат по своите добрини меѓу сиот јудејски народ, прими заповед од свет ангел да те повика во својот дом и да ги послуша твоите зборови.“

23. Тогаш Петар ги повика внатре и ги нагости. А утрината стана и отиде со нив; со него заминаа и некои браќа од Јопија.

Дела 10