1. А Духот јасно зборува дека во последните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамнички духови и злодуховски учења,
2. преку лицемерството на оние што зборуваат лага и имаат догорена совест;
3. кои забрануваат да се стапува во брак и наметнуваат воздржување од јадења што ги создал Бог, за да бидат употребувани од оние кои веруваат и ја познаваат вистината.
4. Зашто, секое нешто создадено од Бога е добро и ништо не е за отфрлање, ако се прима со благодарност,
5. бидејќи се осветува преку словото Божјо и со молитва.
6. Ова советувај им го на браќата и ќе бидеш добар служител на Исус Христос, хранет со зборовите на верата и на доброто учење што си го примил.
7. Од нечисти и од бапски приказни бегај, а обучувај се во побожност;
8. зашто телесното обучување е малку корисно, а побожноста е полезна за сѐ, бидејќи во себе има ветување за сегашниот и за идниот живот.
9. Тие зборови се верни и достојни да бидат целосно прифатени.
10. Затоа и се трудиме и се бориме, зашто се надеваме на живиот Бог, Кој е Спасител на сите луѓе, а посебно на оние кои веруваат.
11. Ова препорачувај го и поучувај!
12. Никој нека не ја презира твојата младост, туку на верните да им служиш како пример во слово, поведение, љубов, дух, вера и чистота!
13. Додека дојдам, занимавај се со читање на Писмото, со утешување и со поучување!
14. Не занемарувај ја дарбата што е во тебе, и која ти беше дадена по пророштво заедно со полагање раце врз тебе од свештенството!