20. Но, ете, Христос воскресна од мртвите, и со тоа стана првина за упокоените.
21. Бидејќи смртта дојде преку човекот, така и воскресението од мртвите, стана преку Човек.
22. И како што по Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе бидат оживеани;
23. но секој по свој ред: Христос е првиот плод; потоа, при Неговото доаѓање, ќе воскреснат сите што се Христови.
24. А потоа ќе биде крајот, кога ќе Му го предаде на Бога и Отецот царството, односно кога ќе уништи секое началство, секоја власт и сила.
25. Бидејќи Тој треба да царува „додека не ги стави под нозете Свои сите непријатели.“
26. А како последен непријател ќе биде уништена смртта,
27. зашто „сите ги покори под нозете Негови“; а кога се вели: „Сѐ Му е Нему покорено“, очевидно е дека се изоставува Оној, Кој Му потчини сѐ.
28. Кога, пак, ќе Му биде потчинето сѐ, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Оној, Кој Му потчини сѐ, за да биде Бог сѐ во сѐ.
29. Инаку, што ќе направат оние, кои се крштеваат за мртвите? Ако мртвите не воскреснуваат, зошто тие тогаш се крштеваат за нив?
30. Зошто, пак, и ние секој час се подложуваме на опасност?
31. Секој ден умирам, браќа, се колнам во пофалбата ваша, која ја имам во Христос Исус, нашиот Господ.
32. Ако во Ефес, човечки речено, се борев со ѕверови, каква е мојата полза? Ако мртвите не воскреснуваат – „Да јадеме и да пиеме, бидејќи утре ќе умреме!“
33. Не лажете се: „Лошите зборови ги расипуваат добрите обичаи!“
34. Освестете се еднаш како треба, па не грешете! Зашто некои од вас не знаат за Бога – за ваш срам го велам ова.