1 Коринтјаните 11:20-34 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

20. Но, кога се собирате така заедно, тоа не значи дека јадете вечера Госпо­дова:

21. зашто на јадењето секој брза да ја земе својата вечера пред другите, така што еден останува гладен, а друг се опива.

22. Немате ли куќи за да јадете и пи­ете? Или ја презирате црквата Божја и ги срамотите оние, што не се имотни? Што да ви речам? Да ве пофалам ли за тоа? Не пофалувам!

23. А јас го примив од Господ она, што ви го предадов; а тоа е дека Господ Исус онаа ноќ, кога Го предадоа, зеде леб,

24. и, откако заблагодари, го прекрши и рече: „Земете, јадете, ова е телото Мое, кое се крши за вас, правете го ова за спомен Мој!“

25. По вечерата, исто така, зеде и ча­ша, па рече: „Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв; ова правете го, кога ќе пиете за Мој спомен!“

26. Зашто, секогаш, кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ќе ја објавувате смртта на Господ, додека Тој не дојде.

27. Затоа, оној што недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, ви­новен ќе биде спрема телото и крвта на Господ.

28. Но, секој човек да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша.

29. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово.

30. Па затоа меѓу вас има многу не­моќ­ни и нејаки, а мнозина и умираат.

31. Зашто, ако бевме се испитувале са­ми себе, тогаш немаше да бидеме осуде­ни.

32. Но судејќи нѐ, Господ нѐ превос­пи­тува, за да не бидеме осудени заедно со светот.

33. Затоа, браќа мои, кога се собирате на јадење, дочекувајте се еден со друг.

34. Ако е, пак, некој гладен, нека јаде дома, за да не се собирате за осуда. А другото ќе го наредам, кога ќе дојдам.

1 Коринтјаните 11