19. А потребно е меѓу вас да има и разделувања, за да се истакнат подостојните меѓу вас.
20. Но, кога се собирате така заедно, тоа не значи дека јадете вечера Господова:
21. зашто на јадењето секој брза да ја земе својата вечера пред другите, така што еден останува гладен, а друг се опива.
22. Немате ли куќи за да јадете и пиете? Или ја презирате црквата Божја и ги срамотите оние, што не се имотни? Што да ви речам? Да ве пофалам ли за тоа? Не пофалувам!
23. А јас го примив од Господ она, што ви го предадов; а тоа е дека Господ Исус онаа ноќ, кога Го предадоа, зеде леб,
24. и, откако заблагодари, го прекрши и рече: „Земете, јадете, ова е телото Мое, кое се крши за вас, правете го ова за спомен Мој!“
25. По вечерата, исто така, зеде и чаша, па рече: „Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв; ова правете го, кога ќе пиете за Мој спомен!“
26. Зашто, секогаш, кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ќе ја објавувате смртта на Господ, додека Тој не дојде.
27. Затоа, оној што недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, виновен ќе биде спрема телото и крвта на Господ.
28. Но, секој човек да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша.
29. Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово.