14. Му благодарам на Бога што од вас никого не сум крстил, освен Крисп и Гај,
15. та никој да не може да рече дека ве крстив во мое име.
16. Навистина, го крстив уште и Стефаниновиот дом. Инаку не знам дали сум крстил и некој друг.
17. Зашто Христос не ме прати да крштевам, туку да го проповедам Евангелието, и тоа не со премудри зборови, за да не изгуби од силата крстот Христов.
18. Зашто словото за крстот е безумие за оние што пропаѓаат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја.
19. Зашто е напишано: „Ќе ја уништам мудроста на мудрите и ќе ја отфрлам разумноста на разумните.“
20. Каде е мудрецот? Каде е книжникот? Каде е препирачот од овој век? Не ја претвори ли Бог мудроста на овој свет во лудост?
21. Зашто светот при мудроста Божја не Го позна Бога со мудрост; Бог благоволи со безумието на проповедта да ги спаси оние што веруваат.
22. Зашто Јудејците сакаат знаци, а Елините бараат мудрост,
23. ние, пак, Го проповедаме Христос распнатиот, Кој е за Јудејците соблазна, а за незнабошците безумие;
24. за повиканите, пак, како Јудејци, така и Елини, Христос Божја сила и Божја мудрост.
25. Зашто Божјото безумие е помудро од луѓето, и Божјата слабост е посилна од луѓето.
26. Гледате, браќа, какви сте вие, повиканите: не мнозина сте мудри по тело, не мнозина силни, не мнозина благородни;
27. но Бог го избра она што е безумно за овој свет за да ги посрами мудрите; Бог го избра она што е слабо во светот за да ги посрами силните;
28. Бог ги избра и неугледните и презрените на овој свет, и оние што не значат ништо, за да ги уништи оние што значат нешто,
29. та никој да не се пофали пред Бога.
30. Од Него сте и вие во Исус Христос, Кој за нас стана мудрост од Бога, и праведност, и осветување, и откуп,
31. па да биде, како што е напишано: „Кој се фали, во Господ нека се фали.“