Римјаните 7:4-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

4. Така е и со вас, драги христијани. Вие не подлежите под старозаветниот Закон даден преку Мојсеј, затоа што Христовата смрт значеше и ваша смрт. Бидејќи Христос воскресна, вие сте сега сврзани со Него, а не со старозаветниот Закон. Тоа ви овозможува да бидете плодоносни и полезни за Бог.

5. Додека со нас владееше нашата стара природа, грешните страсти дејствуваа во нас. Законот ги побудуваше тие грешни страсти и како последица на тоа произлегуваа грешни дела што би не одвеле во смрт.

6. Сега сме ослободени од Законот, откако со Христос умревме за силата што не држеше заробени. Можеме да Му служиме на Бог не на стариот начин, со тоа што ќе му се покоруваме на словото на Законот, туку на нов начин, така што ќе Му се покоруваме на Духот.

7. Што значи тоа? Дали Божјиот Закон е лош? Се разбира, не! Зашто да не беше Законот, јас немаше да знам дека сум грешен. Ако Законот не кажуваше: „Не посакувај туѓо!“ немаше да знам дека е лошо да се посакува туѓото.

8. Од друга страна, гревот ја искористи можноста, па преку таа заповед во мене поттикна најразлични грешни желби. Значи, без Законот гревот не би бил делотворен!

9. И јас порано живеев без Законот. Но кога се соочив со заповедта, наеднаш, гревот оживе!

10. Сфатив дека сум осуден на смрт! Така заповедта, чија цел беше да ми даде живот, ми донесе смртна казна!

11. Гревот ја искористи можноста и преку таа заповед ме измами, ме прогласи виновен, осуден на смрт.

12. Законот си е свет. Таа заповед е света, праведна и добра.

13. Дали ова значи дека мојата смрт ја предизвика она што е во суштина добро, односно Божјиот Закон? Никако! Гревот е тој што ме уби, искористувајќи ја добрата заповед. Но истовремено, преку таа заповед, се покажа дека гревот е страшна и грозна работа.

14. Очигледно е дека Законот е духовен, добар, но јас сум човек од крв и месо, продаден како роб на гревот.

Римјаните 7