8. а врз оние што се себични, што одбиваат да ја слушаат вистината, а го следат злото, Бог ќе излее гнев и лутина.
9. Маки и страдања ќе има за сите што прават зло, прво за Евреите, а потоа и за другите народи,
10. а слава, чест и мир за сите што прават добро, прво за Евреите, а потоа и за другите народи.
11. Кај Бог нема пристрасност!
12. Кога грешат неевреите, Бог ќе ги казни, без оглед на тоа што ним не им бил даден Божјиот Закон во пишана форма. Кога грешат Евреите, Бог и нив ќе ги казни, бидејќи тие го знаат Божјиот Закон и ќе бидат судени според него.
13. Зашто не се станува праведник пред Бог само со познавање на Законот, туку со придржување кон него.
14. Кога неевреите, кои го немаат Божјиот Закон во пишана форма, инстинктивно се придржуваат кон заповедите што произлегуваат од него, тоа покажува дека длабоко во себе тие умеат да го разликуваат доброто од злото.
15. Тоа е доказ дека она што Божјиот Закон го бара е запишано во нивните срца. За нив мерило за поведението е нивната совест, која им кажува кога некоја нивна постапка е за осуда, а кога е оправдана.
16. Ќе дојде ден кога Бог, преку Исус Христос, ќе го суди она што е скриено во луѓето, како што кажува Радосната вест што јас ја проповедам.