Римјаните 15:15-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

15. Сепак, си зедов слобода да ви пишам за некои работи, за да ве потсетам. Бог ми беше благонаклонет и

16. ме зеде во служба на Исус Христос меѓу нееврејските народи, за да извршувам една света задача: ширење на Божјата Радосна вест. На тој начин Светиот Дух ќе може да направи од нееврејските народи принос што ќе биде свет и прифатлив за Бог.

17. Сега, кога сум во служба на Исус Христос, се гордеам со тоа што го работам за Бог.

18. Се осмелувам да зборувам само за она што Христос го изврши преку мене, за тоа како ме испрати да проповедам со зборови и со дела, за да се обратат и оние што не се Евреи.

19. Зборувам за тоа како Христос правеше чуда и им даваше чудотворни знаци на луѓето со силата на Светиот Дух. Им ја проповедам во целост Радосната вест за Христос, почнувајќи од Ерусалим, па се до Илирија.

20. Мојата цел е да ја проповедам Радосната вест онаму каде што се уште не слушнале за Христос, зашто не сакам да градам врз туѓ темел.

21. Напротив, сакам да правам онака како што е напишано во Светото Писмо: „Ќе им се отворат очите на народите на кои не им беше кажувано за Господ, ќе разберат оние што за Него не беа чуле.“

22. Мојата желба да ве посетам и вас, во Рим, беше многупати одложувана токму поради тоа што проповедав по таквите земји.

Римјаните 15