Откровение 9:7-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

7. Скакулците изгледаа како коњи подготвени за борба. На главите имаа нешто како златни венци, а лицата им беа човечки.

8. Гривите им беа како на долгокоса жена, а забите - како заби на лав.

9. Имаа оклопи како од железо, а шумот од нивните крилја правеше бучава како армија од бојни коли што јурат во бој!

10. Имаа и опашки, со осила слични како на скорпии; со кои можеа да ги измачуваат луѓето пет месеци.

11. Тие имаа и свој цар - тоа беше ангелот на Бездната, чие име на хебрејски е Абадон, а на грчки - Аполион.

12. Првата мака помина, но еве, доаѓаат уште две!

13. Шестиот ангел затруби и чув глас што проговори од четирите рогови на златниот жртвеник, поставен пред Бог.

14. Гласот му беше упатен на шестиот ангел со труба, и му рече: „Одврзи ги четирите ангели кои се врзани покрај големата река Еуфрат!“

15. Овие четири ангели биле определени токму за овој час, ден, месец и година. Сега беа одврзани за да погубат една третина од вкупниот број жители на Земјата.

Откровение 9