Откровение 6:7-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

7. Кога Јагнето го отвораше четвртиот печат, се огласи четвртото суштество, кое рече: „Дојди!“

8. Наеднаш пред мене се појави сиво-зелен коњ. Коњаникот што јаваше на сиво-зелениот коњ се викаше ,Смрт‘, а во негова придружба беше Адот. Ним им беше дадена власт над една четвртина од Земјата, за да убиваат со меч, со глад, преку болести и преку диви ѕверови.

9. Кога Јагнето го отвори петтиот печат, под жртвеникот ги видов душите на луѓето што биле убиени поради нивната вера и проповедање на Божјата порака.

10. Тие гласно Му се обраќаа на Господ: „Свет и верен Господару! До кога ќе ја одложуваш пресудата и одмаздата за нашата крв над жителите на Земјата!?“

11. Тогаш на сите ним им беше дадена бела облека и им беше кажано да се стрпат уште малку време, додека не им се придружат сите другари и сотрудници што ќе бидат убиени како и тие.

12. Гледав, понатаму, како Јагнето го отвора шестиот печат. Тогаш се случи силен земјотрес, Сонцето поцрне како црна облека, а Месечината поцрвене како крв.

Откровение 6