Откровение 5:3-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

3. Но не се најде никој, ни на небото, ни на Земјата, ниту пак во Подземниот свет, што можеше да ја отвори Книгата и да ја прочита.

4. Јас многу плачев поради тоа што не се најде ниту еден што ќе биде достоен да ја отвори Книгата и да ја прочита.

5. Тогаш еден од старешините ми рече: „Не плачи! Еве Го Победникот - Лавот од племето на Јуда, Давидовиот Потомок - Тој ќе ги скрши печатите и ќе ја отвори Книгата!“

6. Тогаш погледнав и Го видов Јагнето. Стоеше сред престолот, опкружено со четирите суштества и со дваесет и четирите старешини. Јагнето имаше лузна како некогаш да било заклано. Имаше седум рогови и седум очи, кои Го претставуваа седумкратниот Божји Дух испратен по целата Земја.

7. Јагнето пристапи и ја зеде Книгата што ја држеше во десната рака Седнатиот на престолот.

8. Кога Јагнето ја зеде Книгата, четирите суштества и дваесет и четирите старешини паднаа ничкум пред Него. Секој од нив во рацете имаше харфа и златен пехар полн со запален темјан, што ги претставуваше молитвите на Божјите луѓе.

9. Тие пееја нова песна со следниве зборови: ,Ти Си достоен да ја земеш Книгата, да ги скршиш нејзините печати и да ја отвориш, зашто Ти беше убиен и со Својата крв откупи за Бог луѓе од сите племиња, јазици, народи и раси.

Откровение 5