6. Благословени и свети се оние што ќе бидат учесници во првото воскресение! Втората смрт ќе нема власт над нив; тие ќе бидат Божји и Христови свештеници и ќе царуваат со Нив илјада години.
7. Кога ќе изминат илјада години, Сатаната ќе биде пуштен од затворот во Бездната.
8. Тој ќе тргне да ги заведува народите по сите четири страни на светот - народите на Гог и Магог, кои заедно со него ќе тргнат во војна. Ќе собере многубројна војска, колку што има зрнца песок на морските брегови.
9. Тие ќе излезат на широката земна рамнина и ќе го опколат живеалиштето на Божјиот народ и Неговиот омилен град. Но тогаш ќе слезе оган од небото и ќе ја уништи целата армија.
10. Тогаш Ѓаволот, кој ги заведуваше, ќе биде фрлен во Огненото Езеро полно со запален сулфур, каде што претходно веќе беа фрлени и Ѕверот и лажниот пророк. Таму ќе бидат деноноќно мачени за вечни векови.
11. Потоа го видов големиот бел престол и Оној што седи на него. Земјата и небото бегаа од Неговото присуство, но не најдоа место каде би се скриле од Него.
12. Ги видов и починатите луѓе, мали и големи - сите до еден стоеја пред Божјиот престол. Прво беа отворени некои книги, а потоа и Книгата на животот. На починатите им беше судено според она што за нивните дела го пишуваше во книгите.
13. Морето ги предаде луѓето загинати во него, а и Смртта и Адот ги предадоа умрените луѓе што тие ги држеа. На сите луѓе им беше судено според нивните дела.
14. А потоа, Смртта и Адот беа фрлени во Огненото Езеро. Огненото Езеро е втората смрт.
15. Секој човек чие име не се најде запишано во Книгата на животот беше фрлен во Огненото Езеро.