Откровение 2:16-29 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

16. Покајте се! Ако не, ќе дојдам кај вас и ќе војувам против тие луѓе со зборови што ќе сечат како меч!

17. Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите: „На секој што ќе излезе како победник, ќе му дадам од скриената манна. Ќе му дадам и бел камен на кој ќе биде впишано едно ново име, што не го знае никој друг, освен тој што ќе го добие.“

18. „До гласникот на црквата во Тијатир, напиши го следново: Божјиот Син, чии очи се како огнен пламен, а нозе како блескава бронза, ви го порачува следново:

19. Вашите дела ми се познати. Ги знам љубовта, верноста, службата и трпението ваше. Знам дека напредувате и во последно време имате повеќе достигнувања отколку порано.

20. Сепак, имам една забелешка против вас: вие и дозволувате на Изевела, која самата себеси се нарекува пророчица, да ги заведува Моите следбеници учејќи ги да блудствуваат и да јадат месо жртвувано на идоли.

21. Ђ дадов време да се покае, но таа не сака да престане со своето блудство.

22. Внимавајте! Ќе ја казнам со тешка болест што ќе ја врзе за кревет, а нејзините блуднички партнери ќе ги притеснам со големи неволи, доколку не се покаат.

23. Нејзините следбеници ќе ги погубам, за да знаат сите цркви дека Јас Сум Тој што ги суди и мислите и срцата. Со секого од вас ќе постапам онака како што заслужува.

24. А вам останатите во Тијатир, кои не го прифаќате ова погрешно учење и не сте се вклучиле во таканаречените „длабоки тајни“, кои всушност се од Сатаната, ви порачувам дека нема да ви наметнувам дополнителни тешкотии.

25. Само додека се вратам држете се цврсто за учењето што го имате.

26. На оние што ќе излезат како победници - оние што докрај ќе Ми бидат послушни, ќе им дадам власт над народите кои одбиваат да Го почитуваат Бога;

27. тие ќе владеат над нив со железна палка и ќе ги кршат како глинени садови,

28. со иста таква власт каква што примив Јас од Мојот небесен Татко. Ќе им ја дадам и ѕвездата Деница.

29. Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите!“

Откровение 2