Откровение 18:15-24 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

15. Трговците што тргуваа со сите овие работи, кои таа ги збогати, ќе стојат на оддалеченост, исплашени од нејзините маки, ќе плачат и ќе тагуваат велејќи:

16. „Леле, леле, величествен граде, облечен во свила и пурпурно-црвена облека, накитен со злато, со скапоцени камења и со бисери!

17. За еден миг исчезна твоето огромно богатство!“ А на морето сите сопственици на бродови, кормиларите, патниците и морнарите и сите што тргуваа по море стоеја поскраја

18. и, гледајќи го димот од огнот во кој гореше Вавилон, извикуваа: „Немаше друг град како овој!“

19. Си ги посипуваа главите со прав, и со плачење и тага говореа: “Леле, леле, величествен граде! Сите сопственици на бродови се богатеа од твојот раскош. А сега за миг испусте!“

20. Но небото се радува, а со него и Божјите свети луѓе, апостолите и пророците, зашто, осудувајќи го Вавилон, Бог докажа дека тие беа во право!

21. Тогаш еден силен ангел зеде камен, голем како воденички камен, го фрли во морето и извика: „Вака, со еден замав, ќе биде стрмоглавен величествениот град Вавилон и никогаш повеќе нема да се подигне!

22. Во него нема повеќе да се чуе музика од харфи и пејачи, свирачи или трубачи. Никаков работник, од ниеден занает веќе нема да се најде во тебе и мелниците ќе замолкнат засекогаш.

23. Веќе нема да се види светлина од светилка во тебе, ни глас од младоженец и од невеста нема да се чуе во тебе. Зашто, твоите трговци господареа со светот; со своите магии ти ги заблуди сите народи.

24. Во тебе се пролеваше крвта на пророците и на Божјите свети луѓе и на сите погубени од целиот свет!“

Откровение 18