Откровение 12:5-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

5. Жената роди Син, Кој ќе владее над сите народи со железен скиптар. Синот беше издвоен и однесен кај Бог, на Неговиот престол.

6. Жената, пак, побегна во пустината, на местото што Бог го беше приготвил како засолниште за неа - таму да биде згрижена илјада двесте и шеесет дни.

7. Тогаш изби војна на небото: Михаел и ангелите под негова команда завојуваа против Змејот и неговите ангели.

8. Змејот беше поразен и тој и неговите ангели беа исфрлени од небото.

9. Големиот Змеј, старата Змија, што ги мами сите жители на Земјата, познат како Ѓавол и Сатана, беше фрлен на Земјата, заедно со неговите ангели.

10. Потоа чув глас од небото, кој рече: „Сега дојде спасението и Царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Помазаник, бидејќи тужителот на Божјите луѓе, кој деноноќно ги обвинува пред нашиот Бог, е исфрлен!

11. Тие го победија преку крвта на Јагнето и со вистината што ја проповедаа, за која храбро ги жртвуваа и сопствените животи.

12. Затоа, нека се весели небото со сите свои жители! А тешко си им на Земјата и на морето, бидејќи Ѓаволот е фрлен кај нив! Тој е силно разгневен, зашто знае дека му преостанува уште само малку време!“

Откровение 12