6. Тој од нас направи Царство на свештеници кои служат пред Бог, Кој е Негов Татко. Нему Му припаѓаат славата и власта во вечни векови - Амин!
7. Еве Го, доаѓа со небесните облаци! Секое око ќе Го види - дури и оние што Го прободеа! Сите народи на Земјата ќе проплачат поради Него! Да, навистина!
8. Господ Бог, Семоќниот, вели: „Јас сум Алфа и Омега - Оној Кој постои, Кој отсекогаш постоел и Кој ќе дојде!“
9. Јас сум Јован, ваш брат и сострадалник, кој како следбеник на Исус заедно со вас трпеливо ги поднесувам страдањата што ни доаѓаат нам кои му припаѓаме на Неговото царство. Се наоѓам во прогонство на островот Патмос, поради тоа што ја проповедав Божјата порака и сведочев во полза на Исус.
10. Еден неделен ден, додека општев со Духот, чув како зад мене одекна глас силен како од труба.
11. Гласот ми рече: „Запиши го во книга тоа што ќе го видиш и испрати го до седумте цркви во градовите: Ефес, Смирна, Пергам, Тијатир, Сард, Филаделфија и Лаодикеја.“
12. Кога се свртев да видам кој ми зборува, видов седум златни свеќници.
13. Таму, меѓу свеќниците, видов Еден што личеше на Синот Човечки, облечен во долга облека до стапалата и препашан околу градите со златен појас.
14. Главата и косата Му беа бели како снежно бела волна, очите Му беа како огнен пламен,
15. стапалата Му блескаа како бронза пречистена во вжарена печка, а гласот Му беше силен како бучава од забревтани води.