9. Заминувајќи си оттаму, Исус виде еден човек, по име Матеј, како седи на тезгата за собирање данок и му рече: „Дојди и биди Мој следбеник!“ Матеј стана и тргна по Него.
10. Подоцна, за време на вечерата во куќата на Матеј, на Исус и на Неговите ученици на трпезата им се придружија голем број наплатувачи на данок и жигосани грешници.
11. Го забележаа тоа некои од фарисеите и им приговорија на Исусовите ученици: „Зошто вашиот учител јаде со наплатувачи на данок и со грешници!?“
12. Исус ги чу, па им рече: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните!
13. Одете и научете се што значи напишаното во Светото Писмо: ,Сакам да покажувате милост, а не да Ми принесувате жртви!‘ Јас не дојдов да ги повикам ,праведниците‘, туку грешниците.“
14. Еден ден, кај Исус дојдоа учениците на Јован Крстител и Го запрашаа: „Зошто ние и фарисеите често постиме, а Твоите ученици воопшто не постат?“
15. Исус им одговори: „Зар сватовите треба да тагуваат додека е со нив младоженецот? Но еден ден младоженецот ќе се оттргне од нив; тогаш тие ќе постат.“
16. „Никој не крпи стара облека со нова крпа, зашто новата крпа ќе се собере и ќе направи уште поголема дупка.