19. Тогаш еден вероучител дојде кај Него и му рече: „Учителе, готов сум да Те следам насекаде!“
20. А Исус му одговори: „Лисиците си имаат дувла, птиците гнезда, но Јас, Синот Човечки, немам Свое место за почивање!“
21. Еден од Неговите ученици Му рече: „Господе, дозволи ми најпрво да одам и да го погребам татко ми.“
22. Но Исус Му одговори: „Ти остани со Мене, а погребувањето на мртвите препушти им го на оние кои се духовно мртви.“
23. Потоа Исус се качи на бротчето, а Му се придружија и Неговите ученици на пловидба кон другиот брег.
24. Одеднаш, езерото го зафати силна бура и бротчето беше во опасност да потоне под удар на моќните бранови. А Исус беше заспал.
25. Учениците дојдоа да Го разбудат, викајќи: „Господе, спасувај, гинеме!“
26. А Тој им рече: „Што сте се исплашиле? Колку ви е мала верата!“ Потоа стана и им заповеда на ветрот и на брановите да запрат; и настапи длабока тишина.
27. Учениците останаа вчудовидени и шепотеа: „Кој е овој човек, Кому и ветровите и брановите Му се покоруваат!?“
28. Исус пристигна во пределите на Гадара, од спротивната страна на езерото. Таму го пресретнаа двајца обземени со демонски духови, кои излегуваа откај гробните пештери; тие беа толку опасни, што никој не се осмелуваше да минува оттаму.
29. Одеднаш, тие започнаа да викаат по Исус: „Што бараш кај нас, Сине Божји? Зар Си дошол предвреме да ни казниш?“
30. Во близина пасеше едно големо крдо свињи,
31. и демоните почнаа да Го молат Исуса: „Ако ни бркаш, дозволи ни да влеземе во свињите.“
32. И Тој им дозволи, а тие, излегувајќи од обземените луѓе, влегоа во свињите. Наеднаш, целото крдо свињи јурна низ стрмнината право во езерото и се удави во водата.