1. Кога Исус слезе од ридот, голема толпа народ одеше по Него.
2. Тогаш, еден човек заболен од лепра Му се приближи, клекна на колена и рече: „Господе, ако сакаш, Ти можеш да ме исцелиш!“
3. Исус ја испружи својата рака, го допре и му рече: „Сакам, оздрави!“ Во истиот миг, човекот беше излекуван од лепрата.
4. Тогаш, Исус му рече: „Не кажувај никому, туку оди веднаш на преглед кај свештеникот, а потоа принеси дар како што е пропишано според Мојсеевиот Закон, за да се увери јавноста.“
5. Кога Исус влезе во градот Кафарнаум, го пресретна еден римски офицер и почна да го моли,
6. со следниве зборови: „Господе, мојот слуга лежи дома парализиран и со силни болки.“
7. Исус му одговори: „Ќе дојдам и ќе го излекувам.“
8. Но офицерот Му рече: „Господе, јас не сум достоен Ти да влезеш во мојот дом! Туку, кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави.
9. Зашто, и самиот имам свои претпоставени, а имам и власт да им заповедам на војниците; на еден ќе му речам ,Оди!‘ и тој оди; на друг ќе му речам ,Дојди!‘ и тој доаѓа. И на мојот слуга ќе му речам: ,Направи го тоа!‘ и тој го извршува.“
10. Кога го чу ова, Исус се одушеви и им рече на оние што одеа по Него: „Навистина, кај никого во Израел не видов олку голема вера!
11. И ви велам: мнозина ќе дојдат и од исток и од запад и ќе седнат на трпеза со Авраам, со Исак и со Јаков во небесното царство!