32. Јас, пак, ви велам: ,Секој што се разведува од својата жена освен ако таа извршила прељуба ја наведува на прељуба; и секој што стапува во брак со разведена жена извршува прељуба.‘“
33. „Познато ви е и тоа, дека во Мојсеевиот Закон на вашите предци им било заповедано вака: ,Не кршете ги своите заклетви; исполнувајте го тоа што сте го ветиле пред Господа!‘
34. Јас, пак, ви велам: ,Не заколнувајте се воопшто: ни во небото, зашто тоа е Божји престол;
35. ни во Земјата, зашто таа е подножје на Неговите нозе; ни во Ерусалим, зашто тој град е на Великиот Цар;
36. ни во својата сопствена глава, зашто не можете да создадете ни едно црно или бело влакно;
37. кажете само ,Да‘ или ,Не‘; а секакво заколнување покрај ова е поттикнато од Злиот.‘“
38. „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон било заповедано вака: ,Око за око, заб за заб.‘
39. Јас, пак, ви велам: ,Не возвраќајте им на оние што ви прават зло! Ако некој те удри по едниот образ, сврти му го и другиот.
40. Ако некој те тужи за да ти ја земе кошулата, дај му го и палтото.
41. Ако некој те присили да му ги носиш торбите еден километар, ти носи му ги два километри.
42. Кога некој ќе запроси нешто од тебе дај му; и не одбивај човек што бара да позајми нешто од тебе.‘“
43. „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон било заповедано и ова: ,Сакај ги своите ближни, а мрази ги своите непријатели.‘
44. Јас, пак, ви велам: ,Покажувајте љубов и спрема своите непријатели и молете се за доброто на оние што ве прогонуваат;
45. на тој начин вие ќе се однесувате како деца на вашиот небесен Татко, чие сонце изгрева и за лошите и за добрите. Тој им испраќа дожд и на праведните и на неправедните.
46. Зашто, ако ги сакате само оние кои вас ве сакаат, тогаш, каква награда очекувате за тоа? Та, зар не го прават тоа и подмитливите собирачи на данок!?
47. И ако сте љубезни само спрема своите ближни, тогаш, по што се разликувате од другите луѓе? Та, тоа го прават и паганите!
48. Вие треба да се однесувате совршено исто како што се однесува вашиот небесен Татко!‘“