19. Затоа, секој што ја прекршува макар и најмалата меѓу овие заповеди, па и другите луѓе ги учи така да прават ќе биде најмал во небесното царство; додека, пак, секој што живее според Божјиот Закон, па и другите луѓе ги учи да прават така ќе биде прогласен за голем во небесното царство.
20. Зашто, ви велам, доколку вашата праведност не ја надмине праведноста на сегашните вероучители и на фарисеите вие никогаш нема да влезете во небесното царство!“
21. „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон на вашите предци им било заповедано: ,Не убивај! Кој ќе изврши убиство, ќе му биде судено!‘
22. Јас, пак, ви велам: ,Секој што истура гнев против својот ближен, заслужува осуда! Знаете дека секој што ќе навреди ближен, бива изведен пред вашиот Врховен суд, а доколку го проколнуваш својот ближен, можеш да завршиш и во огнениот пекол!‘
23. Така, кога ќе носиш жртвен прилог на Божјиот олтар, ако се сетиш дека твојот ближен ти е лут за нешто,
24. остави го твојот прилог таму пред олтарот и појди прво помири се со својот ближен, а потоа врати се и принеси го својот жртвен прилог.