2. Откако таму постеше четириесет дни и четириесет ноќи, Тој изгладне.
3. Тогаш искушувачот му пристапи и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, нареди им на камењава да се претворат во лебови!“
4. Но Исус му одговори: „Светото Писмо вели: ,Човекот не живее само од леб, туку и од секој збор што произлегува од Божјата уста!‘“
5. Тогаш Ѓаволот Го одведе Исуса во светиот град (Ерусалим), Го постави на врвот на храмот
6. и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, фрли се долу, бидејќи во Светото Писмо пишува: ,Бог ќе им заповеда на Своите ангели да Те чуваат, на своите дланки да Те понесат, за да не ти се препне од камен ногата.‘“
7. А Исус му одговори: „Но, го пишува и следново: ,Не искушавај Го Господа, твојот Бог!‘“
8. Уште еднаш Ѓаволот Го искачи на највисоката планина и Му ги покажа сите царства на Земјата со сета нивна слава;
9. и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам Тебе, ако паднеш ничкум и ми се поклониш!“
10. Но Исус му одговори: „Бегај оттука, Сатано! Светото писмо вели: ,Поклонувај Му се само на Господ, твојот Бог, и само Нему служи Му!‘“
11. Тогаш Ѓаволот Го остави, а кај Исус дојдоа ангели и Му служеа.
12. Кога Исус разбра дека го уапсиле Јован Крстител, се повлече од Јудеја во Галилеја.
13. Тој се исели од Назарет и се насели во Кафарнаум, покрај Галилејското Езеро, на територијата на потомците на Зевулун и Нафтали.
14. Тогаш се исполни претскажаното од пророкот Исаија, кој рече:
15. „Во земјата на Зевулун и Нафтали, крај морето, отаде реката Јордан, во Галилеја, каде што живеат луѓе кои не Го познаваат Бога,
16. народот кој живее во мрак ќе види големо Светило; светлина ќе ги осветли луѓето што живеат во земјата каде што смртта надвиснува со својата сенка.“
17. Оттогаш Исус започна да проповеда, зборувајќи: „Покајте се, зашто небесното царство се приближува!“
18. Одејќи по брегот на Галилејското Езеро, Исус виде двајца браќа: Симон подоцна наречен Петар, и неговиот брат Андреј. Тие поставуваа мрежа во езерото, бидејќи по занает беа рибари.