26. Тогаш Пилат им го ослободи Бараба, а на своите војници им нареди да Го камшикуваат Исуса и потоа да Го распнат на крст.
27. Тогаш војниците на гувернерот Го воведоа Исуса во дворот и околу Него се насобра цела чета војници.
28. Тие Му ја соблекоа горната облека и Му облекоа црвена наметка.
29. Исплетоа венец од трње и Му го ставија на главата, а во десната рака Му ставија една трска. Потоа паѓаа пред Него на колена и Му се подбиваа, велејќи Му: „Здраво, еврејски царе!“
30. Го плукаа и со трската Го удираа по главата.
31. Откако доволно се изнашегуваа со Исус, Му ја симнаа црвената наметка и повторно Му ја облекоа Неговата горна облека. Потоа Го поведоа на распнување.
32. По пат сретнаа еден човек по име Симон, од градот Кирена, и го натераа да го носи крстот за распнувањето на Исус.
33. Стигнаа на местото наречено Голгота, што во превод значи „Череп“.
34. Му понудија на Исус пијалак од вино помешано со една горчлива течност за ублажување на болките, но кога Тој вкуси не сакаше да го пие.
35. Војниците Го распнаа Исуса на крстот и со жрепка си ги поделија меѓу себе Неговите алишта.
36. Потоа седнаа и стражареа околу Него.
37. Над главата Му ставија натпис за Неговата вина. Натписот гласеше: „Ова е Исус, царот на Евреите.“