30. Потоа испеаја псалми и отидоа на Маслиновата Гора.
31. Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Во текот на оваа ноќ сите вие ќе Ме напуштите, како што е претскажано во Светото Писмо: ,Ќе удрам по Пастирот, и овците ќе се разбегаат!‘
32. Но кога ќе воскреснам, ќе ве чекам во Галилеја.“
33. Петар Му рече: „Дури и ако сите други Те остават, јас никогаш нема да Те оставам!“
34. Исус му одговори: „Те уверувам дека уште ноќва, пред да пропеат петлите, трипати ќе одречеш дека си Мој следбеник!“
35. Но Петар пак Му рече: „Дури и ако треба да загинам со Тебе, јас нема да одречам дека сум Твој следбеник!“ Истото го велеа и сите други ученици.
36. Во придружба на Своите ученици Исус отиде на едно место наречено Гетсемани. Кога пристигнаа таму, Тој им рече: „Седете овде, а Јас ќе отидам потаму, да се помолам.“
37. Со Себе ги зеде Петар и двајцата Завдаеви синови Јаков и Јован. Мошне потресен и натажен,
38. Исус им рече: „Тагата што ја имам во душава Ме убива! Останете овде и бдејте заедно со Мене!“
39. Потоа Тој се оддалечи малку, падна ничкум и почна да се моли: „Татко Мој, ако е возможно, не дозволувај да страдам на ваков суров начин; сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата.“
40. Кога Исус се врати кај Своите ученици ги затекна како спијат. Тогаш му се обрати на Петар: „Зар не можевте да бдеете со Мене еден час!?
41. Разбудете се и молете се да не бидете совладани од искушението што доаѓа! Зашто, иако духот е храбар, телото е слабо!“
42. Потоа Исус повторно се оддалечи малку и продолжи да се моли: „Татко Мој! Ако нема начин да Ме одмине ова горчливо страдање, Јас ќе ја исполнам Твојата волја!“