10. Додека тие отишле да купат масло, младоженецот пристигнал. Тие што биле подготвени, влегле со него на свадбата, по што вратата била затворена.
11. Подоцна пристигнале и другите девојки и почнале да викаат: ,Господине! Господине! Отвори ни!‘
12. А тој им одговорил: ,Не ве познавам кои сте!‘“
13. „Затоа“ заклучи Исус „бидете подготвени во секое време, зашто не го знаете ни денот, ни часот кога ќе се вратам.“
14. „Небесното царство може да се спореди со човек кој, пред да замине на пат, ги повикал своите слуги и им го предал својот имот да раководат со него.
15. На секој од нив им дал според нивните способности: на првиот му доверил пет илјади златници, на вториот две илјади, а на третиот илјада. Потоа тој заминал на пат.
16. Оној што добил пет илјади златници веднаш почнал да тргува со нив и спечалил уште пет илјади.
17. Исто така и оној што добил две илјади златници спечалил уште две илјади.
18. А слугата што добил илјада златници ги скрил златниците на неговиот господар, закопувајќи ги вземи.
19. По подолго време господарот на слугите се вратил и ги повикал да му положат сметка.
20. Дошол оној што беше примил пет илјади златници, донесол уште други пет илјади и рекол: ,Господару, ти ми довери пет илјади златници; еве, со нив спечалив уште пет илјади‘
21. ,Одлично!‘ му одговорил господарот. ,Ти се покажа како добар и верен работник. Ја оправда довербата над она малку што ти го доверив; затоа сега ќе ти предадам многу повеќе. Влези и придружи се на веселбата што ја приредува твојот господар!‘