Maтеј 24:2-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

2. А Тој им рече: „Ги гледате ли сите овие градби? Ве уверувам дека од нив нема да остане камен врз камен, зашто ќе бидат разурнати!“

3. Подоцна, кога Исус седеше на падините од Маслиновата Гора, Му пријдоа Неговите ученици и насамо Го прашаа: „Кажи ни кога ќе се случи сето тоа и по што ќе го познаеме времето на Твоето повторно доаѓање и крајот на светот?“

4. Исус им одговори: „Чувајте се некој да не ве заведе.

5. Бидејќи мнозина ќе се појават под Моето име и ќе ви говорат: ,Јас сум Месијата!‘ и ќе измамат мнозина.

6. Ќе избувнат војни во близина и војни во далечина. Да не ве обзема паника, зашто тоа мора да се случи, иако тоа не значи дека веќе дошол крајот.

7. Народите ќе војуваат едни против други, и држави против други држави. Глад и земјотреси ќе погодат многу места.

8. Сето ова ќе биде само како почеток на породилни болки!“

9. „Тогаш вас ќе ве апсат, ќе ве казнуваат и ќе ве убиваат. Поради верата во Мене, по целиот свет ќе ве мразат.

10. Во тоа време мнозина ќе се откажат од верата во Мене; едни други ќе се издаваат и меѓусебно ќе се мразат.

11. Ќе се појават и многу лажни пророци и ќе заведат мнозина.

12. Грешноста ќе земе таков замав, што љубовта меѓу луѓето ќе станува си постудена.

13. Но тој што докрај ќе се одржи, ќе се спаси.

14. А Радосната вест за небесното царство ќе се проповеда по целиот свет, за да ја чујат сите народи. Тогаш ќе дојде крајот.“

15. „Значи, кога ќе видите дека богохулникот што пустоши се наместил на светото место за ова пишува пророкот Даниел, и секој читател треба да обрне внимание

16. тогаш, оние што ќе се најдат во покраината Јудеја нека бегаат кон планините,

17. тој што ќе се најде на покривот, да не слегува долу да земе нешто од покуќнината,

18. а тој што е на нива, да не се враќа дома за да си го земе палтото!

Maтеј 24