Maтеј 22:18-37 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

18. А Исус, знаејќи ја нивната подмолна намера, им рече: „Лицемери едни! Зошто сакате да Ми поставите стапица? Покажете ми една римска пара со која плаќате данок!“

19. Тие му подадоа една пара,

20. а Тој ги праша: „Чиј лик и име се втиснати на парава?“

21. „На императорот!“ му одговорија тие. Тогаш Исус им рече: „Дајте му го на императорот тоа што му припаѓа на императорот, а на Бога тоа што Му припаѓа на Бога!“

22. Тие останаа вчудовидени од ваквиот одговор, па Го оставија и си заминаа.

23. Истиот ден кај Исус дојдоа некои садукеи, кои тврдеа дека не постои воскресение од мртвите. Тие Му се обратија вака:

24. „Учителе! Мојсеј рекол дека, доколку некој маж умре без да остави пород, неговиот брат е должен да ја земе братовата вдовица за жена и да му подигне потомство на својот починат брат.

25. Кај нас живееја седум браќа. Најстариот умре без пород и му ја остави жена си на својот брат.

26. Но истото се случи и со вториот и со третиот, си до седмиот.

27. Најпосле умре и жената.

28. Чија ќе биде жената на денот на воскресението, кога таа била мажена за сите седуммина?“

29. „Вие сте во заблуда“ им рече Исус „бидејќи не ги познавате ниту Светото Писмо ниту Божјата сила!

30. Зашто, кога луѓето ќе воскреснат, тие нема да бидат ни женети ни мажени, туку ќе бидат како ангелите на небото.

31. А што се однесува до воскресението на мртвите, зар не сте го прочитале тоа што ви го вели Бог:

32. ,Јас Сум Бог на Авраам, Бог на Исак и Бог на Јаков!‘ Значи, тие се живи, а не мртви, зашто Тој не е Бог на мртвите, туку на живите!“

33. Слушајќи го ова излагање на Исус, народот беше воодушевен.

34. Кога фарисеите разбраа дека Исус ги замолкнал садукеите, се собраа заедно,

35. и еден од нив, кој беше вероучител, сакајќи да Му постави стапица, Го праша:

36. „Учителе! Која е најважната заповед во Божјиот Закон?“

37. Исус му одговори: „Сакај Го Господ, својот Бог, со сето срце, со сета душа и со сиот разум“.

Maтеј 22