10. Така, слугите одат и ги доведуваат сите што ќе ги најдат, и добри и лоши. И свадбената сала се наполнува со гости.
11. Тогаш влегува и царот да се сретне со гостите. Забележува еден човек кој не носи свечена облека и го прашува:
12. ,Пријателе, зошто си дошол овде без свечена облека?‘ А тој молчи.
13. Тогаш царот им заповеда на слугите: ,Врзете му ги нозете и рацете и фрлете го во најдлабоката темница. Таму ќе има лелекање и чкрипење со заби!‘
14. Зашто, иако мнозина се поканети, малцина се избрани“ заклучи Исус.
15. Тогаш фарисеите се повлекоа и почнаа да се договараат како да го уловат Исус да каже нешто за што ќе можат да Го обвинат.
16. Испратија кај Него некои од своите ученици и од приврзаниците на Ирод, да Го прашаат: „Учителе, познато ни е дека Ти си справедлив и дека секогаш ја зборуваш вистината за Божјиот пат, без оглед на тоа што ќе мислат луѓето, зашто не гледаш кој е кој.
17. Кажи ни, тогаш, според Тебе, право ли е да му плаќаме данок на римскиот император или не?“
18. А Исус, знаејќи ја нивната подмолна намера, им рече: „Лицемери едни! Зошто сакате да Ми поставите стапица? Покажете ми една римска пара со која плаќате данок!“
19. Тие му подадоа една пара,
20. а Тој ги праша: „Чиј лик и име се втиснати на парава?“
21. „На императорот!“ му одговорија тие. Тогаш Исус им рече: „Дајте му го на императорот тоа што му припаѓа на императорот, а на Бога тоа што Му припаѓа на Бога!“
22. Тие останаа вчудовидени од ваквиот одговор, па Го оставија и си заминаа.
23. Истиот ден кај Исус дојдоа некои садукеи, кои тврдеа дека не постои воскресение од мртвите. Тие Му се обратија вака:
24. „Учителе! Мојсеј рекол дека, доколку некој маж умре без да остави пород, неговиот брат е должен да ја земе братовата вдовица за жена и да му подигне потомство на својот починат брат.
25. Кај нас живееја седум браќа. Најстариот умре без пород и му ја остави жена си на својот брат.
26. Но истото се случи и со вториот и со третиот, си до седмиот.
27. Најпосле умре и жената.