8. Голем број луѓе ги постилаа своите облеки по патот; други кршеа гранчиња од дрвјата и ги постилаа на патот.
9. А народот што врвеше пред Исус, како и оние што одеа по Него, воскликнуваа, извикувајќи: „Спаси ни сега, Давидов Сине! Благословен е Тој што доаѓа во името Господово! Спаси ни сега Ти, Кој доаѓаш од небесните височини!“
10. Кога Исус влезе во Ерусалим, целиот град се раздвижи и почна да прашува: „Кој е Овој?“
11. А народот одговараше: „Овој е пророкот Исус од градот Назарет, во покраината Галилеја!“
12. Исус влезе во Божјиот храм и ги истера сите кои купуваа и продаваа во храмот. Им ги преврте масите на менувачите на пари и тезгите на продавачите на гулаби,
13. и им рече: „Во Светото Писмо пишува дека Бог рекол: ,Мојот храм нека биде место за молитва.‘ А вие го претворивте во разбојничко дувло!“
14. Во храмот Му доаѓаа на Исус слепи и сакати и Тој ги исцелуваше.
15. Но свештеничките поглавари и вероучителите се разгневија кога ги видоа чудата што Исус ги правеше и радосните извици на децата во храмот кои извикуваа: „Спаси ни сега, Давидов Сине!“
16. И Му рекоа: „Слушаш ли што извикуваат децата!?“ А Исус им одговори: „Да! Зар во Псалмите не сте го читале ова: ,Усните на малите деца и на доенчињата ќе Ти оддаваат слава, Господе!?‘“