5. „Порачајте му на Ерусалим: Еве Го, иде Твојот цар, понизно јавајќи на магарица и на магаренце -рожбата на магарицата.“
6. Учениците отидоа и го извршија она што им го беше заповедал Исус:
7. ги доведоа магарицата и младото магаренце, ги ставија врз нив своите облеки и Исус седна на нив.
8. Голем број луѓе ги постилаа своите облеки по патот; други кршеа гранчиња од дрвјата и ги постилаа на патот.
9. А народот што врвеше пред Исус, како и оние што одеа по Него, воскликнуваа, извикувајќи: „Спаси ни сега, Давидов Сине! Благословен е Тој што доаѓа во името Господово! Спаси ни сега Ти, Кој доаѓаш од небесните височини!“
10. Кога Исус влезе во Ерусалим, целиот град се раздвижи и почна да прашува: „Кој е Овој?“
11. А народот одговараше: „Овој е пророкот Исус од градот Назарет, во покраината Галилеја!“
12. Исус влезе во Божјиот храм и ги истера сите кои купуваа и продаваа во храмот. Им ги преврте масите на менувачите на пари и тезгите на продавачите на гулаби,
13. и им рече: „Во Светото Писмо пишува дека Бог рекол: ,Мојот храм нека биде место за молитва.‘ А вие го претворивте во разбојничко дувло!“
14. Во храмот Му доаѓаа на Исус слепи и сакати и Тој ги исцелуваше.