13. Обраќајќи му се на еден од нив, тој му рече: ,Пријателе, јас тебе не те оштетив. Зар не се погодивме за надницата?
14. Земи си ја и оди си! А јас сакам да му платам на последниот колку и тебе;
15. зар немам право да правам што сакам со своите пари? Или, пак, окото ти е завидливо затоа што сум дарежлив!?‘“
16. И така, тие што сега се последни, тогаш ќе бидат први, а тие што сега се први, тогаш ќе бидат последни“ заклучи Исус.
17. Одејќи кон Ерусалим, Исус ги тргна настрана дванаесеттемина и додека чекореа по патот, им рече:
18. „Еве, на пат сме кон Ерусалим; таму Јас, Синот Човечки, ќе им бидам предаден на свештеничките поглавари и на вероучителите.
19. Тие ќе Ме осудат на смрт и ќе Ме предадат на Римјаните да Ми се подбиваат, да Ме камшикуваат и да Ме распнат. Но на третиот ден Јас ќе воскреснам.“
20. Тогаш кај Исус дојде мајката на Завдаевите синови, заедно со своите двајца синови, Јаков и Јован, клекна пред Него и Го замоли за една услуга.
21. „Што сакаш?“ ја праша Исус. „Дај им на моиве два сина почесни места од Твојата десна и лева страна во Твоето царство“ Му рече таа.
22. Исус им се обрати на двајцата нејзини синови и им рече: „Не знаете што барате. Ќе можете ли да пиете од чашата на Моите страдања, од која Јас ќе пијам?“ А тие Му одговорија: „Ќе можеме!“
23. „Добро, и вие ќе пиете од Мојата чаша им одоговори Исус но Јас не можам да одредам кој ќе седи од Мојата десна страна, а кој од левата. Тие места им припаѓаат на оние за кои ги определил Мојот небесен Татко.“