Maтеј 19:8-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

8. А Исус им одговори: „Мојсеј ви дозволи да се разведувате од вашите жени бидејќи вие сте луѓе со закоравени срца. Но, на почетокот не беше така.

9. Затоа ви велам дека секој човек што ќе се разведе од својата жена, освен по основа на брачно неверство, извршува прељуба доколку се ожени со друга; и тој што ќе се ожени со распуштеница, исто така, врши прељуба.“

10. Неговите ученици Му рекоа: „Ако е таква обврската меѓу мажот и жената, тогаш подобро е човек да не се жени!“

11. А Исус им рече: „Тоа можат да го прифатат само оние што Бог ги оспособил да живеат сами.

12. Зашто, има разни причини поради кои некои луѓе не се женат: едни се по природа евнуси, други се направени евнуси од луѓе, а трети се откажуваат од стапување во брак за да се посветат на работа за небесното царство. Кој може да го прифати ова учење нека го прифати.“

13. Некои луѓе ги носеа своите дечиња кај Исус за да ги положи рацете над нив и да се моли за нив. Учениците, пак, ги одвраќаа,

14. на што Исус им рече: „Пуштете ги децата да дојдат кај Мене, и не одвраќајте ги, зашто небесното царство им припаѓа на таквите како нив!“

15. Откако Исус ги положи рацете врз нив и ги благослови, си замина оттаму.

16. Еднаш, кај Исус дојде еден млад човек и го праша: „Добар Учителе, какви добри дела треба да направам за да се здобијам со вечен живот?“

17. А Исус му одговори: „Зошто ме прашуваш во врска со доброто? Има само Еден што е добар а тоа е Бог. Ако сакаш да добиеш вечен живот, придржувај се кон Божјите заповеди.“

18. „Кои заповеди?“ го праша човекот, на што Исус му одговори: „Не убивај, не врши прељуба, не кради, не обвинувај лажно;

19. почитувај ги татка си и мајка си и сакај ги своите ближни како себеси.“

20. Во одговор, младиот човек рече: „Кон сето тоа се придржував; што треба уште да направам?“

21. Исус му рече: „Ако сакаш да бидеш совршен, тогаш оди и продај си што имаш и раздели им ги парите на сиромасите, а ти ќе имаш богатство на небото. Потоа тргни по Мене и стани Мој следбеник.“

Maтеј 19