17. Ако тој и нив не ги послуша, тогаш изнеси ја целата работа пред црквата. Доколку тој и црквата не ја послуша, тогаш однесувај се спрема него како спрема неверник или како спрема собирач на данок.“
18. „Зашто, ве уверувам, дека, она што ќе го врзете на Земјата ќе остане врзано и на небесата, и она што ќе го разврзете на Земјата ќе биде разврзано и на небесата.
19. Исто така, ви го кажувам и ова: ако двајца од вас на Земјата сложно се молат за нешто, Мојот небесен Татко ќе им го исполни.
20. Зашто, каде што двајца или тројца ќе се здружат под Моето име, и Јас сум таму, меѓу нив.“
21. Тогаш Петар Му пристапи на Исус и Го праша: „Ако еден од моите браќа повеќепати ми згреши, колкупати треба да му простувам? Седум пати ли?“
22. А Исус му одговори: „Не седумпати, туку седумдесет пати по седум!
23. Ќе ви објаснам преку една споредба. Небесното царство може да се спореди со цар којшто решил да си ги расчисти сметките со своите слуги на кои им позајмил од своите пари.
24. Кога почна да проверува, му доведоа еден што му должеше десет илјади таланти.
25. Бидејќи слугата не можеше да си го плати долгот, господарот нареди да биде продаден како роб заедно со жената и децата и со си што поседуваа, па така да си го наплати долгот.
26. Тогаш слугата падна ничкум пред царот и почна да го моли: „Стрпи се со мене и ќе ти го исплатам целиот долг!“