Maтеј 13:24-37 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

24. Потоа Исус им кажа уште една споредба: „Небесното царство може да се спореди со човек што посеал чисто пченично семе во својата нива.

25. Но, додека луѓето спиеле, дошол неговиот непријател, посеал какол меѓу пченицата и си заминал.

26. Кога посеаното порасна и заврза плод, се покажа и каколот.

27. Дојдоа слугите кај домаќинот и му рекоа: ,Господару, зар ти не беше посеал чисто семе на твојата нива? Од каде сега се појави овој какол?‘

28. А тој им одговори: ,Тоа ми го направи непријателот!‘ Тогаш слугите му рекоа: ,Сакаш ли да појдеме и да го искорнеме каколот?‘

29. ,Немојте‘ им одговори тој ,зашто, корнејќи го каколот, со него ќе го искорнете и житото.‘

30. Оставете ги, нека растат заедно до жетвата. Тогаш ќе им наредам на жетварите: ,Издвојте го најнапред каколот, врзете го во снопови и изгорете го, а житото соберете го во Моите складови!‘“

31. Потоа, Исус им кажа уште една споредба: „Небесното царство може да се спореди со синапово зрно што некој ќе го посее во својата нива.

32. Иако тоа е најмало од сите семиња, кога ќе порасне, ги надвишува сите градинарски растенија и станува дрво на кое и птиците слетуваат и си свиваат гнезда на неговите гранки.“

33. Исус им кажа и ваква споредба: „Небесното царство може да се спореди со квасец што жената го замесува со три мери брашно, по што целото тесто нараснува!“

34. Исус се користеше со споредби за да му го објасни на народот сето ова и ништо не им говореше без споредби.

35. Со тоа се исполнуваа Божјите зборови претскажани преку пророкот: „Ќе им говорам преку споредби, ќе им ги објавам тајните што беа скриени од создавањето на светот.“

36. Тогаш Исус го пушти народот да се разотиде, а Тој се врати дома. Таму Му пристапија Неговите ученици и Му рекоа: „Објасни ни ја споредбата за каколот на нивата.“

37. Исус им одговори: „Човекот што сее чисто семе сум Јас, Синот Човечки.

Maтеј 13