Maтеј 13:17-32 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

17. Ви велам дека многу пророци и многу праведници имаа желба да го видат тоа што вие го гледате, но не го видоа, и да го чујат тоа што вие го слушате, но не го слушнаа.“

18. „Чујте го сега значењето на споредбата со сејачот.

19. Тврдата почва покрај патот ги претставува оние луѓе што ја слушаат пораката за небесното царство, но не се трудат да ја разберат. Ѓаволот доаѓа и го отстранува посеаното кај нив.

20. Каменестата почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака и со задоволство ја примаат;

21. меѓутоа, бидејќи таа во нив не се закоренува, тие остануваат верници само за кратко: штом надојдат неволи или прогонства поради верата во Божјата порака, тие веднаш се откажуваат.

22. Трнливата почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака, но прекумерната грижа за овој живот, како и занесот по збогатување ја задушуваат пораката во нив и тие остануваат бесплодни.

23. Плодната почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака и се трудат да ја разберат. Тоа семе ќе донесе плод: некаде по сто, некаде по шеесет, а некаде по триесет зрна.“

24. Потоа Исус им кажа уште една споредба: „Небесното царство може да се спореди со човек што посеал чисто пченично семе во својата нива.

25. Но, додека луѓето спиеле, дошол неговиот непријател, посеал какол меѓу пченицата и си заминал.

26. Кога посеаното порасна и заврза плод, се покажа и каколот.

27. Дојдоа слугите кај домаќинот и му рекоа: ,Господару, зар ти не беше посеал чисто семе на твојата нива? Од каде сега се појави овој какол?‘

28. А тој им одговори: ,Тоа ми го направи непријателот!‘ Тогаш слугите му рекоа: ,Сакаш ли да појдеме и да го искорнеме каколот?‘

29. ,Немојте‘ им одговори тој ,зашто, корнејќи го каколот, со него ќе го искорнете и житото.‘

30. Оставете ги, нека растат заедно до жетвата. Тогаш ќе им наредам на жетварите: ,Издвојте го најнапред каколот, врзете го во снопови и изгорете го, а житото соберете го во Моите складови!‘“

31. Потоа, Исус им кажа уште една споредба: „Небесното царство може да се спореди со синапово зрно што некој ќе го посее во својата нива.

32. Иако тоа е најмало од сите семиња, кога ќе порасне, ги надвишува сите градинарски растенија и станува дрво на кое и птиците слетуваат и си свиваат гнезда на неговите гранки.“

Maтеј 13