Maтеј 13:10-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

10. Тогаш на Исус Му пристапија Неговите ученици и Го запрашаа: „Зошто му зборуваш на народот преку споредби?“

11. А Тој им одговори: „Вам ви е дадено да ги запознавате тајните на небесното царство, но ним не им е.

12. Зашто, на оној што е отворен за она што Јас го поучувам, ќе му биде дадено уште подлабоко разбирање; а на оној што не сака да Ме слуша, ќе му се земе и она што го има.

13. Им зборувам преку споредби бидејќи тие, имајќи очи, не гледаат, и имајќи уши не слушаат, ниту пак се трудат да разберат.

14. Кај нив се исполнува претскажаното од Бог преку пророкот Исаија, кој вели: ,Ќе го слушате Моето Слово, но нема да го разберете; ќе ги гледате Моите дела, но нема да ги сфатите.

15. Зашто, срцата на овие луѓе им се закоравени! Со ушите одвај слушаат, а очите си ги затвораат. Не сакаат да видат, да слушнат и да разберат,па да се свртат кон Мене за да ги исцелам.‘

16. А блазе си ви вам, зашто вие гледате и слушате!

17. Ви велам дека многу пророци и многу праведници имаа желба да го видат тоа што вие го гледате, но не го видоа, и да го чујат тоа што вие го слушате, но не го слушнаа.“

18. „Чујте го сега значењето на споредбата со сејачот.

19. Тврдата почва покрај патот ги претставува оние луѓе што ја слушаат пораката за небесното царство, но не се трудат да ја разберат. Ѓаволот доаѓа и го отстранува посеаното кај нив.

20. Каменестата почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака и со задоволство ја примаат;

21. меѓутоа, бидејќи таа во нив не се закоренува, тие остануваат верници само за кратко: штом надојдат неволи или прогонства поради верата во Божјата порака, тие веднаш се откажуваат.

22. Трнливата почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака, но прекумерната грижа за овој живот, како и занесот по збогатување ја задушуваат пораката во нив и тие остануваат бесплодни.

23. Плодната почва ги претставува оние луѓе што ја слушаат Божјата порака и се трудат да ја разберат. Тоа семе ќе донесе плод: некаде по сто, некаде по шеесет, а некаде по триесет зрна.“

24. Потоа Исус им кажа уште една споредба: „Небесното царство може да се спореди со човек што посеал чисто пченично семе во својата нива.

25. Но, додека луѓето спиеле, дошол неговиот непријател, посеал какол меѓу пченицата и си заминал.

26. Кога посеаното порасна и заврза плод, се покажа и каколот.

27. Дојдоа слугите кај домаќинот и му рекоа: ,Господару, зар ти не беше посеал чисто семе на твојата нива? Од каде сега се појави овој какол?‘

Maтеј 13