Maтеј 12:18-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

18. „Еве Го Мојот избран слуга, Мојот Љубимец, задоволството на Мојата душа! Нему ќе Му го дадам Мојот Дух, Тој ќе им ја објави Мојата правда на народите.

19. Нема да се расправа, ниту пак ќе вика гласот нема да му одекнува по улиците.

20. Нема да дотолчува ранета душа, што е како скршена трска, нема да ја угасне и најмалата надеж, макар таа да е како фитил што тлее, си додека правдата не победи.

21. А сите народи ќе ја положат својата надеж во Неговото име.“

22. Тогаш доведоа кај Исус еден слеп и нем човек, кој беше обземен од демонски духови, и Тој го исцели, така што немиот прозборува и прогледа.

23. Целиот народ беше вчудовиден и се прашуваше: „Да не е овој Месијата, Синот Давидов?“

24. Кога фарисеите разбраа за тоа, рекоа: „Тој изгонува демони бидејќи демонскиот поглавар Баалзибул е во Него!“

25. Знаејќи ги нивните мисли, Исус им рече: „Ниедно царство не може да се одржи доколку во него има внатрешни раздори; и ниеден град или дом во кој има неслога не може да опстане.

26. Ако Сатаната го изгонува Сатаната, тогаш тој настапува против самиот себе; како може, тогаш, да му се одржува царството?

27. Ако Јас изгонувам демони со помош на Баалзибул, тогаш, кажете ми, со чија помош вашите следбеници ги изгонуваат демоните? Затоа, тие ќе ви судат!

28. Ако, пак, Јас изгонувам демони со помош на Божјиот Дух, тогаш тоа е знак дека Божјото царство ви пристигнало!

29. Може ли некој да му упадне во куќата на силен човек и да му го ограби имотот, ако најпрво не го врзе силниот човек, за потоа да може да му ја ограби куќата?

30. Кој не е со Мене, против Мене е; кој со Мене не собира тој растура!

Maтеј 12