Maтеј 11:5-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

5. слепи прогледуваат, сакати проодуваат, лепрозни се исцелуваат, глуви почнуваат да слушаат, умрени оживуваат и на бедните им се проповеда Радосната вест.

6. Блазе си им на оние кои не се колебаат во однос на Мене!“

7. Додека тие си заминуваа, Исус почна да му зборува на народот за Јован Крстител: „Кога одевте во пустината, кај Јован, што очекувавте да видите: трска што се лулее на ветрот?

8. Што излеговте да гледате: човек дотеран во раскошна облека? Луѓето што се облекуваат раскошно живеат во царски палати!

9. Тогаш, што излеговте да видите: пророк? Да, ви кажувам Јован е и повеќе од пророк!

10. Јован е тој за којшто Бог во Светото Писмо вели: ,Еве, испраќам Свој гласник, кој ќе го подготви патот пред Тебе.‘

11. Ве уверувам дека, меѓу родените од жена нема поголем од Јован Крстител; и покрај тоа, и најмалиот во небесното царство е поголем од него.

12. Откако Јован Крстител започна да проповеда и да крштава, па си досега, има навала во небесното царство и во него со навала се влегува!

13. Зашто, си до Јован, сите пророци, како и Книгите на Законот, него го претскажуваа.

14. И ако сакате да знаете, Јован е оној „Илија“ што требаше да дојде.

15. Кој има уши, нека слуша!“

16. „Со што да ја споредам оваа генерација? Овие луѓе се како деца кои седат по плоштадите и им се жалат на минувачите:

17. ,Прво ви свиревме весело на флејта, но вие не заигравте; потоа ви запеавме таговни песни, но вие не заплакавте!‘

18. Прво, значи, дојде Јован Крстител, кој не одеше на веселби да јаде и да пие, а тие велеа ,Демони има во него!‘

19. Потоа дојдов Јас, Синот Човечки, кој одам на веселби, јадам и пијам, а тие велат: ,Овој човек е лаком и пијаница, другар на наплатувачи на данок и на грешници!‘ Меѓутоа, Божјата мудрост се оправда со своите резултати.“

20. Тогаш Исус почна да ги укорува градовите во кои Тој направи голем број чуда, а тие сепак не се покајаа, не се обратија кон Бог.

21. „Тешко тебе, Коразине! Тешко тебе Бетцаидо! Да беа во градовите Тир и Сидон направени чудата што беа извршени кај вас, тие одамна ќе се беа покајале, облекувајќи се во покајнички облеки и посипувајќи се со пепел!

Maтеј 11