3. да Го прашаат: „Ти ли си Месијата што требаше да дојде, или некој друг да чекаме?“
4. Исус им одговори: „Вратете се кај Јован и кажете му го тоа што го слушате и гледате:
5. слепи прогледуваат, сакати проодуваат, лепрозни се исцелуваат, глуви почнуваат да слушаат, умрени оживуваат и на бедните им се проповеда Радосната вест.
6. Блазе си им на оние кои не се колебаат во однос на Мене!“
7. Додека тие си заминуваа, Исус почна да му зборува на народот за Јован Крстител: „Кога одевте во пустината, кај Јован, што очекувавте да видите: трска што се лулее на ветрот?
8. Што излеговте да гледате: човек дотеран во раскошна облека? Луѓето што се облекуваат раскошно живеат во царски палати!
9. Тогаш, што излеговте да видите: пророк? Да, ви кажувам Јован е и повеќе од пророк!
10. Јован е тој за којшто Бог во Светото Писмо вели: ,Еве, испраќам Свој гласник, кој ќе го подготви патот пред Тебе.‘
11. Ве уверувам дека, меѓу родените од жена нема поголем од Јован Крстител; и покрај тоа, и најмалиот во небесното царство е поголем од него.
12. Откако Јован Крстител започна да проповеда и да крштава, па си досега, има навала во небесното царство и во него со навала се влегува!
13. Зашто, си до Јован, сите пророци, како и Книгите на Законот, него го претскажуваа.
14. И ако сакате да знаете, Јован е оној „Илија“ што требаше да дојде.
15. Кој има уши, нека слуша!“
16. „Со што да ја споредам оваа генерација? Овие луѓе се како деца кои седат по плоштадите и им се жалат на минувачите:
17. ,Прво ви свиревме весело на флејта, но вие не заигравте; потоа ви запеавме таговни песни, но вие не заплакавте!‘
18. Прво, значи, дојде Јован Крстител, кој не одеше на веселби да јаде и да пие, а тие велеа ,Демони има во него!‘